Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, веќе петнаесет години е стратешки носител на развојот, афирмацијата и академското унапредување на семејната медицина во Република Северна Македонија.
Центарот израсна во референтна институција која создава современи едукативни стандарди, развива наставни програми усогласени со европските директиви и обезбедува кадровски и професионални основи за долгорочен напредок на примарната здравствена заштита.
Нашето мото: Ние едуцираме. Ние се грижиме. Ние истражуваме.
Што работиме
- Додипломска настава по семејна медицина за студентите по општа медицина.
- Специјализација и доедукација – тригодишна специјализација и програма за доедукација за матичните лекари, со специјалистички испит по европски модел.
- Континуирана медицинска едукација – работилници за матичните лекари низ целата држава.
- Едукација на едукатори и ментори според Леонардо програмите на EURACT.
- Научноистражувачка дејност во европски и меѓународни мрежи.
- Едукација со симулација за ургентни состојби во примарната здравствена заштита.
За семејната медицина
Семејната медицина, како академска и клиничка дисциплина, е темел на примарната здравствена заштита. Таа обединува широк спектар на медицински области во единствен професионален профил чија суштинска цел е континуитет на грижата, рано препознавање на ризици, рационална употреба на здравствените ресурси, како и превентивно и терапевтско делување засновано на докази. Специјалистот по семејна медицина е клучниот координатор во здравствениот систем, овозможувајќи навремено упатување, интегрирана грижа и оптимален пристап до здравствени услуги.
Со воведувањето на специјализацијата по семејна медицина државата се усогласи со директивите на ЕУ (2005/36/ЕЦ и 93/16/ЕЕЦ), според кои лекарите што работат самостојно со пациенти треба да бидат специјалисти, а специјализацијата по семејна медицина трае најмалку 3 години.